МВР распишува јавен оглас за прием на 400 извршители на работно место „Полицаец“


 Врз основа на член 22 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр.62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13 и 25/13), член 97 став 1 од Законот за полиција (“Службен весник на РМ” бр.114/2006 и 6/2009), а во врска со одредбите на Правилникот за постапката и начинот на работа на комисијата за избор на кандидат за полицаец  („Службен весник на РМ“ бр.128/09 и 82/12)

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
РАСПИШУВА 
ЈАВЕН ОГЛАС

За прием на 400 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во Министерството за внатрешни работи.
-Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од (1) една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.
-По завршување на основната обука кандидатите за полицаец ќе склучат договори за вработување во Министерството за внатрешни работи.

1.Кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови:
-да е државјанин на Република Македонија,
-да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот,
-да има завршено најмалку четиригодишно средно образование,
-да е здравствено и психофизички способен и
-со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

 2.Кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови:
-потребна телесна висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена), и
-висока лична физичка подготвеност.

3. Заинтересираните кандидати треба да ги достават следните докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар:
-уверение за државјанство,
-извод од матична книга на родените,
-диплома за завршено четиригодишно образование,
-доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, и
-две фотографии во големина на патна исправа.
Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа:
1.Сектор за внатрешни работи Скопје:
- Полициска станица од општа надлежност-Гази Баба,
- Полициска станица од општа надлежност-Бит Пазар и
- Полициска станица од општа надлежност-Карпош.
2.Сектор за внатрешни работи Битола;
3.Сектор за внатрешни работи Велес;
4.Сектор за внатрешни работи Куманово;
5.Сектор за внатрешни работи Тетово;
6.Сектор за внатрешни работи Охрид;
7.Сектор за внатрешни работи Струмица,
8.Сектор за внатрешни работи Штип.
Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација.
Потребната документација од став 1, кандидатите ја доставуваат секој работен ден во определениот рок, во текот на работното време .

4.При поднесување на пријава кандидатот потпишува изјава за доброволно пристапување на селекција на избор на кандидат за полицаец со неможност за барање на оштета од Министерството за внатрешни работи во случај на повреда за време на спроведување на постапката за селекција.

5.Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот и истата се спроведува во следните фази:
1.Административна проверка (утврдување на навременост и потполнетост на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови);
2.Проверка на моторички способности (за мажи 60 стомачни, 55 склекови, трчање на 3200м за 13,30 минути и 10 згибови на вратило и за жени 60 стомачни, 27 склекови и 3200м за 16,30 минути, и други физички проверки определени од страна на Комисијата),
3.Писмено тестирање (општообразовен тест и психолошки тест),
4.Интервју (поединечен разговор со кандидатот за полицаец),
5.Здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите).

6.Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот за внатрешни работи.
7.По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас.  
По завршување на основната обука (во времетраење од една година), Министерството за внатрешни работи со кандидатот за полицаец кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договорот за вработување.
8.При селекцијата ќе биде земена во предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои ги исполнуваат општите и посебните услови како и психо-физичките и моторички способности.
Министерството за внатрешни работи особено ќе внимава и на соодветната родова застапеност на кандидатите кои ги исполниле условите на обата пола од кандидатите во секоја етничка заедница согласно позитивните законски прописи. 
 9.Рокот за доставување на пријавите изнесува 10 (десет) дена, сметано од денот на објавување на огласот (не сметајќи го денот на самото објавување).
 10.Ненавреманата и непотполната документација нема да се разгледува.

Comments