Поедноставени условите за самовработување со кредитирање со цел развој на малите бизниси

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија и раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска на конференција за медиумите информираа дека денеска се објавeни јавни огласи за невработените лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис и за правните субјекти кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис како и невработените лица кои сакаат да го решат своето вработување.


Имено, Владата на РМ преку Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување ги продолжува активностите за континуирано спроведување на  Проект за самовработување со кредитирање, со кој на корисниците на кредити им се овозможува да започнат сопствен бизнис во областа на земјоделството, трговијата, преработувачката индустрија, градежништвото, услужните дејности итн, како и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отварање на нови работни места со кои на овие субјекти им се овозможува да ја развијат својата дејност и да напредуваат.
 
“Сега преку поедноставени услови и за двете мерки се овозможува на сите невработени лица активни баратели на работа  кои се на евиденција само 1 ден пред објавување на јавниот оглас да аплицираат, да ја искористат оваа поволна мерка и да се самовработат. 

Додека пак за добивање кредит за микро и мали претпријатија ќе биде доволно фирмите да имаат само еден вработен, а не најмалку двајца како досега.  Исто така, лицето кое фирмата планира да го вработи, треба  да биде во  евиденцијата на Агенцијата за вработување  само еден ден”, потенцираше министерот Спасов.

Мерката кредитирање за самовработување ги содржи следните можности и поволности :

-За дејности од помал обем за секое новоотворено работно место се доделуваат по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 3 работни места, односно до 9.000 евра;

-За дејности од поголем обем за кредитобарателот се доделуваат 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 17.000 евра;

-Рок на враќање на средствата е 3 години со вклучен грејс период од 1 година за кредит до 9.000 евра, односно 5 години со вклучен грејс период од 1 година за кредит над 9.000 евра;

-Каматна стапка од 1% на годишно ниво;

-Дополнителни стимулативни средства до 1.000 евра за лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација што имаат користено паричен надоместок најмалку 6 месеци и се невработени повеќе од 3 години.

 “Во однос на Мерката кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места би сакал да информирам дека барање за кредит може да достави правен субјект (микро и мало претпријатие) кој е регистриран најмалку 1 година, кој има најмалку 1 вработено лице минимум 3 месеци. Пријава за учество во оваа мерка можат да достават сите евидентирани невработени лица без оглед на времетраењето на невработеноста, односно лица со статус  невработени лица активни баратели на работа  кои се на евиденција 1 ден пред објавување на јавниот оглас. Секое ново отворено работно место ќе биде кредитирано со 3.000 евра, а ќе може да се аплицира за отворање максимум три нови работни места. Сумата што ќе може апликантот да ја добие изнесува максимум 9000 евра Со рок за поврат  на средствата од 3 години, со грејс период од 1 година и со каматна стапка од само 1 отсто”, информираше министерот за труд и социјална политика и упати апел до сите заинтересирани невработени лица, но и сите микро и мали правни субјекти и сите претпријатија, да аплицираат да ја искористат оваа шанса, да ги искористат поволните мерки кои не само што ќе се  обезбедат директни вработувања, туку и ќе обезбедат  и дополнителни финансиски средства за развој на својата бизнис идеја и компанија, а со тоа и ке придонесат во развојот на економијата и напредокот на нашата држава.


Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Владо Поповски истакна дека условите за аплицирање за кредитите се направени на барање на апликантите.

Со измените, рече, кредитите ќе им бидат подостапни на повеќе луѓе, особено рече на младите кои имаат добри идеи, а пред скоро време завршиле образование и не се долго време пријавени како невработени.

"Сега со само еден ден пред објавување на огласот можат да се пријават и да ја преточат својата идеа во бизнис," рече Поповски.

Кај правните субјекти е намален условот од две на најмалку едно вработено лице, а променет и условот за вработување на невработени лица кои веќе не мора да бидат пријавени најмалку една година, туку е доволно само еден ден.

Поповски како успешна ја оцени досегашната реализација на овие две мерки, истакнувајќи притоа дека околу 60 проценти од средствата кои биле земени се навремено вратени.

Тој додаде дека е намален и периодот на чекање на добивање на средствата од кредитот и оти одсега апликантите ќе треба да чекаат најмногу 45 дена додека не добијат повик од банката да склучат договор и да им бидат исплатени средствата.


Превземено од: http://www.mtsp.gov.mk/?ItemID=4356E60747D0EB4997B3C22CB26F1B60

Comments