Во Полог живееле Бригите - прасупстрат на Античките Македонци

Во книгата "Тетовски древности" има многу нови податоци, кои би биле интересни за јавноста, особено за гостиварци и за тетовци. Со новите истражувања најдени се најстарите траги на живот во Полог, кои датираат од 6100 година пред нашата ера и 2000 од нашата ера, што значи 8000 години. Институцијата во Тетово постои од 1945 година, како и други компетентни институции, но тие ни до 2008 година не собрале сили да напишат ваква книга.
x
„Во текот на моето 10-годиш но истражување соработував со Институтот за национална историја, со Заводот за заштита на спомениците, со Музејот на тетовскиот крај.
Имаше некој отпор, би рекол од некоја конкуренција во фелата, но мојата љубов кон Тетово ме водеше да ја завршам почнатата работа. Тука нема да застанам, ќе следуваат и втор и трет дел од оваа книга. Имав и одредени притисоци од некои луѓе, затоа што прв пат детаљно ја обелоденив етногенезата (кои племиња живееле) и дека живееле во рамките на античко македонската сфера, а не на илирската.
Проблем имав и околу спонзорствата за издавање на книгата, но упорен сум и набрзо ќе ја отпечатам“, потенцира авторот Гавровски.

Автор на сe` уште необјавената книга "Тетовски древности", со поднаслов "Полог од праисторијата до VII век", со посебен осврт на тетовскиот крај е господин Дарко Гавровски, по вокација правник. Љубовта кон родниот град Тетово веќе 10 години му е мотив упорно да истражува за Тетово и за тетовскиот крај, кој крие многу древни нешта, досега необјавени во ниту една книга.
"Тетовски древности" е повеќе од монографија, односно станува збор за енциклопедиско издание за Тетово, кое прв пат го офаќа периодот на праисторијата и антиката, период пред “доаѓањето на Словените”.
Станува збор за книга од 220 страници со 100 фотографии и 9 карти, кои се изработени од самиот автор, 420 фусноти, целосно исцрпена библиографија...

СОЗНАНИЈА

Како резултат на десетгодишното истражување на историјата на Тетово, Гавровски има собрано повеќе од 2.500 страници, од кои 70 отсто досега не се објавени, а се однесуваат и на средновековието и на османлискиот период.
Авторот Гавровски планира да ги објави како едиција, во делови.

"Посебни страници имам и за тетовскиот градски дијалект, со повеќе од 3.000 стари зборови, потоа за старите тетовски фамилии, тетовските обичаи, значи сe` до денешни дни.
Оваа прва книга од серијата други кои ќе следуваат е многу значајна, затоа што податоците кои се внесени во неа дури ниту сами тетовци не ги знаат. Моето семејство потекнува од стара тетовска градска фамилија. Тетово го сакам и токму тој факт е причина што јас се оддадов на ова долгогодишно истражување. Едноставно, идеја ми беше да направам кодификација на сe` она што досега е објавено за Тетово во една книга, за да му биде достапна на обичниот читател.
И верувајте тоа не беше лесно бидејќи не само што не е во една книга, туку ниту во една библиотека не можеа да се најдат сите овие податоци", вели авторот Гавровски.

Книгата тематски е поделена на праисторија (камена и метална епоха) и антика (рана антика и римски период).
Значи, сe што досега е откриено од праисторијата до антиката во Тетово е ставено во едно енциклопедиско издание, не само за градот туку и за Полог. Со најновите истражувања на професорката Викторија Соколовска и на Иван Микулчиќ веќе се тврди дека во Полог живеело најсеверното античко македонско племе Агријаните, кое го офаќало целиот појас од Полог, преку Скопје, сe` до Западна Бугарија.

Тетово се спомнува дури во 1214 година, додека Полог се спомнува многу порано. Горен и Долен Полог, Тетовско и Гостиварско ја делеле историската судбина. Оној кој владеел со Горен владеел и со Долен Полог, немало граница.

ИНТЕРЕСНИ ПОДАТОЦИ

„Во книгата - додава авторот - има многу нови податоци, кои би биле интересни не само за мене туку и за јавноста, особено за гостиварци и за тетовци.
Со новите истражувања најдени се најстарите траги на живот во Полог, кои датираат од 6100 г.п.н.е. и 2000 г.н.е., што значи 8000 години Полог бил населуван.
Во тие први периоди тоа било т.н. Азанбегововршничка неолитска култура, а интересно е тоа што од праисторијата се најдени жртвеници, кои се од типот на Големата мајка, кои се пратип, основен тип од кој подоцна настанал познатиот жртвеник од Тумба Маџари.
Овој уште поархаичен, поосновен тип, кој во долниот дел е куќа, а во горниот е оџак во кој се ставале различни производи, е пронајден со ископувањата во 2000 година.

Во оваа книга се поместени и податоци и фотографии од карпестата уметност, презентирани се пронајдените праисториски гравири по течението на реката Пена, кои се уникати, преседан во карпестата уметност во светски рамки.
Интересни се и пронајдените мечеви од металната епоха, а од античкиот период интересно е тоа што прв пат подетаљно се претставени податоците (затоа што досега тоа е една од најконтроверзните теми кога се однесуваат за Тетовско), а тоа е кое племе живеело.

Знаете дека особено албанските теоретичари велат дека тука живееле Илирите, Дарданците, но сепак со најновите истражувања, што и научно го докажувам, живеел прасупстрат кој го населувал Полог, а тоа се Бригите, кои се во основата на Античките Македонци.
Тоа се докажува преку бројните надгробни споменици, чии имиња се со бригиско потекло, а не од илирско потекло.
Пронајдени се околу 14 такви споменици, од кои само едно име е илирско, едно е латинско, а сите останати се со бригиско потекло.
Во металната епоха Бригите постепено се формирале во античко македонската нација, а во раната антика Тетово било населено од Агријани со пајонски корени, кои оставиле големи траги во историјата на Полог.
Според досегашните истражувања, онаа позната тетовска гробница во која е пронајдена и тетовската Менада всушност била гробница на агријански кнез“.

Според сознанијата на авторот Гавровски, во тоа време Полог бил развиен, а потврда за тоа се најдените монети на независни градови-држави.
Тука доминира монетата на градот Пелагија, значи IV век пред наша ера, град-држава кој постоел во Полог и се претпоставува дека од таму Полог го влече своето име (Пелагија-Полог).
Агријаните биле познати по тоа што дале свој придонес во битките на Александар Македонски кон Индија и додека тие војувале нивната територија ја освојувале Дарданците.

Потоа доаѓа периодот на Римјаните, кога настапила благосостојба, па распаѓањето на Римското царство и доаѓањето прво на Византија, потоа на “Словените” - крајот на VI и почетокот на VII век, кога настанува прекин на материјалната култура, разурната од ваквите вандалски наезди.
Во книгата се претставени уште многу значајни наоди, преку кои се дознава за богатата историја на Тетово, тетовскиот крај и по широко за Полог.
Превземено од Македонска Цивилизација
1. Жртвеник од типот "Големата Мајка"
Најстара пронајдена форма на праидеата за култот.
Лок. Под Село-Тумба, с.Стенче

2. Бронзена статуетка на богот Меркур (Хермес)
Лок. Кукул, с.Челопек

3. Ранохристијански крст-привезок од олово, изработен со леење и дообработување
Непознат локалитет од Тетовско, VI-VII век

4. Древниот македонски симбол сонцето, претставено преку розета како декорација на фрагмент од обод од питос
Лок. Градиште, с. Стенче
доцна антика

5. Антропоморфен цилиндер со ликот на Големата Мајка.
Лок. Тумба, с. Долно Палчиште

Comments