Археолошки локалитети во Тетово

Teтовското Кале или Исарот е тврдина и значаен археолошки локалитет која се наоѓа на врвот на Балтепе, веднаш над Тетово на 2 km од градскиот центар.
Самиот локалитет од археолошка страна претставува утврдена градска населба од доцноантичкото време и средниот век. Локацијата му е на помала карпеста височинка со стрмни страни што се издига над десниот брег на реката Пена. На врвот има зарамнето плато наведнато кон југ, со форма на триаголник со димензии од 180 х 130 m и површина од околу 1 ha, целото опфатено со траса на темели од доцноантички одбранбен бедем. Најстарите траги, односно остатоци од ѕидовите на тврдината се големите блокови од бигор, правилно делкани, извадени со диви копања, кои потекнуваат од IV-III век п.н.е. Се претпоставува дека врз темелите на овие ѕидови подоцна, во доцноантичкото време, биле подигнати нови ѕидови цврсто градени од кршен камен и малтер.
Тврдината била обновена во средниот век и подоцна во турскиот период во 1820 година од страна на Абдурахман Паша. На јужниот крај во градиштето се откриени голем број фрагменти од хеленистички и доцноантички керамички садови, питоси и тегули. На истиот простор e регистрирано присуство на големи камени блокови и рановизантиски монети. Утврдената населба на Хисар се поврзува со Оенеј, градот на Пенестите. Имено се смета дека овој град, споменат од Тит Ливиј во врска со нападот на македонскиот крал Персеј на Пенестите во 169 година п.н.е., односно кој по навлегувањето во градот Ускана на вешт начин ја зазел и тврдината на Оенеј, се наоѓал на територијата на Тетово. Денес самата тврдина претставува една ретка убавина од минатото во Тетово. Неговата содржина е доста комплексна. Внатрешниот дел има 5 сараи, големи кујни, бањи, еден бунар на средина и 3 тунели за излез. Во тек на воениот конфликт во Македонија во 2001 претрпел големи оштетувања.
Бањиче е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува населба од доцноантичкото време. Се наоѓа во подножјето на Исарот Кале, кај месноста Бањиче, каде се откриени темели од повеќе објекти, а на површината има фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал.
Бузане е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува населба од доцноантичкото време. Локалитетот е случајно откриен при извршување на земјени работи за изградба на приватна куќа, каде биле откриени темели од објекти, фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал. Слични остатоци имало и во соседните дворови.
Горно теќе е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува населба од римското време. Се наоѓа на 4 km западно од градот, на ниските падини на Шар Планина, северно од теќето, каде се насетуваат темели од градби, а по површината има фрагменти од керамички садови и питоси, како и градежен материјал. Била најдена и монета од Константин I.
Дреноец е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува населба од доцноантичкото време. Се наоѓа во лозјата што се од спротивната страна на црквата Св. Богородица, каде во 1954 година, со изведувањето на земјените работи биле откриени темели од повеќе градби, меѓу кои и еден хипокауст. По површината има грамади од градежен материјал, фрагменти од керамички садови и питоси.
СвПетка е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува населба од римското време. Се наоѓа на северниот излез од градот, покрај трасата на патот за месноста Бањиче, каде биле откриени остатоци од темели на градби од римското време. На површината се среќава многуброен градежен материјал.
Тетово е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува осамен наод од доцнобронзеното време. Археолошкиот музеј откупил меч, случајно откопан во градот. Мечот е од микенски тип и датира од XIV-XII век п.н.е. Излеан е од бронза и има долга тенка форма. Бил наменет за парадни цели и веројатно како знак на достоинство и` припаѓал на истакната личност од Полог. Овој меч, заедно со ваквите наоди од Скадар, ги означува најсеверните простори до кои допирале производите од микенско-егејската област.
УлБраќа Миладиновци е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува повеќе објекти од римското време. Во 1951 години, при копањето на улична канализација биле откриени и пресечени остатоци од темели на градби. Повеќе зачувани тегули се прибрани во Музејот во Тетовскиот крај.
УлЈНА е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува осамен објект од римското време. Во 1956 година, при копање на темели за изградба на приватна куќа биле откриени остатоци од темели на објект и статуа со претстава на мало девојче со откршена глава. Темели од објекти имало и во соседните дворови, а во еден била најдена и надгробна плоча со грчки епитаф.
УлШтипска е археолошки локалитет во Тетово.
Локалитетот претставува гробница од раноантичкото време. Уште за време на турскиот период случајно била откриена гробница од која, според кажувањата на тетовчани, гробните прилози биле однесени во Цариград. Во 1933 година гробницата е одново отворена и истражена од видниот белградско археолог Светозар Радојчиќ кој првпат и ја презентирал. Гробницата имала четвртеста основа со димензии од 5,31 х 3,51 m и висина од 1,85 m. Била градена многу квалитетно од делкани камени блокови, а одозгора затворена со засводен покрив кој бил урнат. Од гробни прилози се најдени бронзени парчиња од шлем, оклоп или штит, железни опкови и бронзена статуетка на танчарка - менада, украсен елемент на некаков сад од бронза, можеби кратер. Како придружничка на богот Дионис, претставена е со поткренати раце, како да игра, облечена во хитон и преку него наметната со небрис. Според изработката и стилот се датира во доцноархајскиот период, помеѓу 530 и 500 година п.н.е., и потекнува од ателјеата во Коринт или во јужна Италија. Присуството на менадата, монументалноста на гробницата и начинот на нејзиното градење упатуваат на тоа, дека најверојатно во неа бил погребан еден од кнезовите на Полозите.

Comments