АЛЕКСОВА Блага - прва дама на македонската археологија

Блага Алексова (Тетово, 24 јануари 1922 – Скопје, 12 јули 2007) била македонски археолог и академик.[1] Нарекувана е прва дама на македонската археологија


Алексова е родена на 20 јануари 1922 година во Тетово. Гимназија завршила во Скопје, а дипломирала на Групата за историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје во 1950 година. Докторирала на тема од областа на средновековната археологија на Универзитетот во Љубљана во 1958 година. Работела како кустос во Градскиот музеј на Скопје од 1948 до 1950 година и во Археолошкиот музеј на Македонија (1950 – 1975), каде што го раководела Одделението за средновековна археологија. Од 1962 до 1975 година била директор на оваа национална институција. Специјализирала во Центарот за византиски студии на Харвардскиот универзитет во Вашингтон (1971 и 1983). Од 1975 година па сè до пензионирањето во 1983 работела во Институтот за историја на уметноста со археологија како професор по средновековна и ранохристијанска археологија. Се занимавала со проучување на средновековните некрополи, накитот и керамичката продукција, како доказ за обичаите, верувањата и културата на Словените. Го открила и го протолкувала продорот на раното христијанство во Македонија, преку ископувањата на повеќе ранохристијански центри. Нејзините истражувања биле насочени кон докажување на културолошкиот континуитет меѓу раното христијанство и средновековјето во Македонија. Ја открила најстарата христијанска црква во Македонија (Старата епископска базилика во Стоби). Вршела ископувања на локалитетите: Демир Капија, Баргала, Крупиште, Струмица, Полог, Охрид, Преспа, Дојран, Оризари, Радолишта и Стоби. Кораководела со меѓународните истражувачки проекти (југословенско-американски) во Баргала и во Стоби. Учествувала на голем број научни собири во Македонија, САД, Австрија, Англија, Русија, Романија, Турција, Бугарија, Италија, Хрватска, Србија, Грција и во Албанија. Од 1997 година била член на МАНУ.[1] Починала на 12 јули 2007 година во Скопје.[3]

Comments