Кирил Пејчиновиќ



Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа продолжил во Дебарскиот манастир "Свети Јован Бигорски". Меѓутоа, потоа татко му решава да го продаде имотот во Теарце и со него и со неговиот чичко одат во Света Гора каде се замонашуваат. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму заминува во Кичевскиот манастир "Света Богородица Пречиста".
Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Марковиот манастир, кој решил да го обнови. Манастирот бил речиси уништен, меѓутоа Кирил успеал да издејствува помош од верниците, па конаците и манастирот биле обновени. Во наредните 17 години (до 1818 година), тој се занимавал со обновувањето и истовремено оформил манастирска библиотека од собраните ракописи од претходниот век. Додека престојувал во Марковиот манастир ја напишал неговата прва книга Книга сија глаголемаја Огледало, која била отпечатена во 1816 година во Будим. По дваесет години минати во манастирот, под притисок на грчкиот владика од Скопје, го напуштил Марков манастир и се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на богатите верници и отворил училиште во кое ги подучувал младите и старите. Патувал и како проповедник собирајќи книги и пишувајќи сопствени текстови. Кирил Пејчиновиќ умрел на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир и е погребан во црковниот двор.

Comments